На веб-страницата на Електронскиот национален регистар е објавен нов Предлог-закон за електронско фактурирање, со кој се предвидува воведување централен систем за издавање, прием и обработка на електронски фактури.

Предложеното решение носи значајна промена во начинот на кој компаниите ќе управуваат со процесот на фактурирање и предвидува постепено воведување на обврските за различни категории субјекти.

Што предвидува новиот систем за е-фактурирање?

Предлог-законот предвидува воспоставување централен систем за електронско фактурирање преку кој ќе се издаваат, примаат, валидираат, прифаќаат, одбиваат, исправаат, сторнираат и чуваат електронските фактури и поврзаните документи.

Системот ќе го воспоставува и управува Управата за јавни приходи, а комуникацијата со него ќе може да се врши преку API-интеграција, како и преку клиентска, веб или мобилна апликација.

Целта е дигитализација и стандардизација на процесот на фактурирање. Согласно предложеното решение, електронската фактура ќе има правна важност доколку е издадена преку системот во структуриран електронски формат, потпишана со квалификуван електронски потпис и валидирана со единствен идентификатор и електронски временски жиг.

Кои субјекти ќе бидат опфатени?

Обврската за издавање и прием на електронски фактури е предвидено да се воведува постепено.

Предлог-законот ги опфаќа ДДВ-обврзниците, субјектите што вршат стопанска дејност, јавните претпријатија, буџетските корисници и други категории субјекти утврдени со законот, со определени исклучоци.

Кога започнува примената?

Според член 22 од Предлог-законот, предвидена е следната динамика:

  • 1 октомври 2026 – можност за доброволна регистрација;
  • 1 април 2027 – задолжително е-фактурирање за ДДВ-обврзниците опфатени со член 16 став 1 точка 1, вклучително и јавните претпријатија и трговските друштва во целосна или доминантна сопственост на централната власт, Градот Скопје или една или повеќе општини;
  • 1 јули 2027 – задолжително за правните лица кои не се ДДВ-обврзници, а вршат стопанска дејност;
  • 1 октомври 2027 – задолжително за буџетските корисници, јавните и непрофитните институции и НБРСМ;
  • 1 јануари 2028 – задолжително за сите субјекти кои вршат трансакции.

Според член 24, Законот е предвидено да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а неговата примена да започне од 1 октомври 2026 година.

Што значи ова за компаниите?

Воведувањето на е-фактурирањето не е само промена на форматот на фактурата. За компаниите, тоа може да бара усогласување на постојните процеси, системи и одговорности поврзани со фактурирањето.

Затоа, компаниите треба навремено да разгледаат:

  • дали нивните сметководствени и ERP системи ќе можат да се интегрираат со новиот систем;
  • како ќе се организира процесот на издавање, прием, одобрување, корекција и сторнирање на е-фактурите;
  • кои интерни процедури ќе треба да се приспособат;
  • кој ќе биде одговорен за поединечните фази од процесот; и
  • дали ќе бидат потребни технички, организациски или процедурални промени пред почетокот на задолжителната примена.

Навремената анализа може да им овозможи на компаниите подобро да ги идентификуваат потребните промени и да го планираат преминот кон новиот начин на фактурирање.

Важно: станува збор за Предлог-закон

Во оваа фаза станува збор за предлог-законско решение. Наведените датуми, обврски и други одредби ќе произведат правно дејство само доколку законскиот текст биде донесен од Собранието на Република Северна Македонија и објавен во „Службен весник“.

Поради тоа, компаниите треба да ја следат понатамошната законодавна постапка и евентуалните измени на предложеното решение.

РСМ Македонија ќе продолжи да го следи развојот на регулативата за електронско фактурирање и нејзиното практично значење за компаниите.