Општо познато е дека спонтаноста е луксуз што бизнисот ретко може да си го дозволи. Профитабилноста и ефикасноста во работењето се меѓу факторите што една деловна приказна ја прават успешна, а сметководството е една од клучните алатки за нивно следење и разбирање. Но, каде во оваа приказна се наоѓа ревизијата и каква вредност може да донесе?

Иако сметководството и ревизијата имаат различни улоги и одговорности, во практиката тие се тесно поврзани. Сепак, односот кон ревизијата понекогаш е проследен со одредена резервираност од страна на сметководствените тимови.

Наместо ревизијата да се гледа само како дополнителна контрола, нејзината улога може подобро да се разбере преку вредноста што независното уверување ја носи за корисниците на финансиските информации.

Во овој контекст, ќе разгледаме еден особено комплексен сегмент од работењето на компаниите - производството.

Сметководство во производствена компанија

Производството, како процес во кој се создава финалниот производ на една компанија, е еден од суштинските делови од нејзиното работење. Оттука, навременото и правилно евидентирање на трансакциите, вреднувањето на влезните елементи - суровини, материјали, амбалажа и алат, како и трошоците за труд, потрошената енергија и амортизацијата на средствата, утврдувањето на цената на чинење и евиденцијата на залихите на готови производи се од големо значење за управувањето со производствениот процес.

Сметководството одамна не е фокусирано само на евидентирање и информирање за трошоците на производството. Бројките добиваат вистинска деловна вредност кога се правилно интерпретирани и анализирани во соодветен контекст.

Правилното евидентирање на трансакциите и вреднувањето на влезните елементи и залихите на готови производи придонесуваат за подобро управување со ресурсите, го олеснуваат донесувањето одлуки и обезбедуваат подобра слика за оперативната и финансиската позиција на компанијата. Во крајна линија, квалитетот на овие информации може директно да влијае врз квалитетот на деловните одлуки.

Од особено значење кај производствените компании се залихите. Нивното правилно управување и соодветно сметководствено евидентирање се суштински за континуитетот на работењето. Сметководствениот третман на залихите е регулиран со МСС 2 - Залихи. Сепак, примената на стандардот во практиката бара професионално расудување, особено при утврдувањето на трошоците, распределбата на производствените општи трошоци и проценката на нето реализациската вредност.

Предизвик претставува и евидентирањето на самиот производствен процес - од суровини и останати влезни ресурси, преку човечкиот труд, до готовиот производ. Кало, растур, отпад, количината на произведени готови производи и нивното вреднување се само дел од прашањата со кои производствените компании секојдневно се соочуваат.

Самиот процес на утврдување на цената на чинење може да биде сложен и бара детални анализи и пресметки. Понатаму, управувањето со залихите на готови производи, како и ресурсите поврзани со нивното складирање и чување, претставуваат дополнителни оперативни и сметководствени предизвици.

Секоја индустрија има свои карактеристики и еден начин на евиденција не мора да биде соодветен за друга компанија, дури и кога станува збор за ист сектор. Производствениот модел, технологијата, структурата на трошоците, организацијата и сметководствените политики создаваат специфичен систем за секоја компанија.

Во овој контекст, сметководството е пред сè ориентирано кон потребите на компанијата, но истовремено обезбедува информации што се основа и за надворешното финансиско известување. Неговата улога е да обезбеди релевантни и веродостојни информации за состојбата и резултатите од работењето и да создаде основа за квалитетно деловно одлучување.

Која е тогаш улогата на ревизијата во оваа производствена приказна?

„Верувам, но проверувам“ можеби наједноставно ја доловува логиката зад независната проверка.

Целта на ревизијата не е да ја преземе улогата на сметководството, ниту да гарантира апсолутна точност на финансиските извештаи. Ревизорот обезбедува разумно уверување и изразува независно мислење за тоа дали финансиските извештаи, во сите материјално значајни аспекти, се подготвени во согласност со применливата рамка за финансиско известување.

Токму независноста на ревизорот и примената на професионални стандарди придонесуваат за зголемување на довербата на корисниците на финансиските извештаи - сопствениците, инвеститорите, банките, кредиторите и другите засегнати страни.

Кај производствените компании ова може да биде особено значајно. Ревизијата не претставува само проверка на бројките во финансиските извештаи. Таа вклучува разбирање на компанијата и нејзиното окружување, проценка на ризиците од материјално погрешно прикажување и разгледување на релевантните сметководствени политики и проценки.

Во производството, тоа значи дека области како залихите, производствените трошоци, распределбата на општите трошоци, утврдувањето на цената на чинење, обезвреднувањето и вреднувањето на готовите производи можат да бидат области што бараат особено внимание.

Друг значаен аспект се интерните контроли. Сметководствените процеси се тесно поврзани со системот на интерни контроли, но одговорноста за воспоставување и функционирање на тие контроли е на раководството на компанијата.

Во рамките на ревизијата, ревизорот стекнува разбирање за интерните контроли релевантни за ревизијата со цел соодветно да ги планира и спроведе ревизорските постапки. Кога ќе бидат идентификувани значајни недостатоци во интерните контроли, тие може да бидат комуницирани до раководството и лицата задолжени за управување.

На овој начин, ревизијата може да обезбеди дополнителна перспектива за одредени ризици и слабости во процесите, без притоа да ја преземе одговорноста на раководството за управување со компанијата или воспоставување на нејзините контроли.

Сметководство во производство и ревизија - две страни на иста приказна

Сметководството и ревизијата имаат различни функции, но нивната вредност се среќава во една важна точка - квалитетот и доверливоста на финансиските информации.

Сметководството обезбедува систематско евидентирање, мерење и известување за економските настани во компанијата. Ревизијата, од друга страна, обезбедува независна перспектива и разумно уверување за финансиските извештаи.

Токму затоа тие не треба да се гледаат како спротивставени страни, туку како различни функции со комплементарен придонес кон довербата во финансиското известување.

Во практиката, ревизорот понекогаш може да биде перципиран како „надворешно тело“ кое навлегува во систем што сметководствениот тим секојдневно го познава и управува. Но, квалитетната ревизија започнува токму со разбирање – на бизнисот, производствениот процес, специфичните ризици и начинот на кој тие се одразуваат во финансиските извештаи.

Кога постои такво разбирање, ревизијата не е само проверка на она што веќе се случило. Таа придонесува кон поголема доверба во информациите врз кои сопствениците, раководството и другите засегнати страни ги темелат своите одлуки.

А токму доверливите информации и подоброто разбирање на бизнисот се основа за поквалитетно одлучување.

Објавените содржини, фотографии и видеа се во сопственост на РСМ Македонија и се заштитени согласно Законот за авторското право и сродните права и Законот за заштита на личните податоци. Секое неовластено преземање, репродукција, пренос или злоупотреба претставува повреда на правата и подлежи на санкции согласно важечките закони.