Сметководството е доверлива професија која бара висок степен на етички стандард, доследност и прецизност. Во оваа професија трите клучни особини: точност, одговорност и педантност не се само пожелни, туку неопходни. Овие особини се дел од пошироката слика што ја нарекуваме дисциплина.
Дисциплината како темел на довербата
Дисциплината не е само во начинот на работење, туку и во начинот на размислување. Тоа е став дека работата треба да се извршува навремено, со внимание и совесност, и со почит кон клиентите и пропишаните закони. Во секојдневната работа на сметководителот, дисциплината е тој тивок, но постојан фактор кој ја гради довербата кај клиентите, колегите, менаџментот и институциите.
Дисциплината е темелот на довербата. Кога клиентот гледа дека сметководителот секој месец работи со ист квалитет, ја следи и обработува документацијата, ги почитува роковите и прави дополнителни проверки, тој стекнува доверба. Довербата не се стекнува одеднаш, туку постепено се гради со мали, но постојани напори како што се исполнети рокови, преземени обврски и завршени задачи со внимание. Довербата е капитал кој не се купува, туку се заслужува.
Точност, одговорност и педантност - трите столба на професионалноста
Во светот на бројките секој детал е важен. Во професија каде точноста не е само доблест, туку неопходност, се гради карактер, а со карактерот доаѓа и довербата. Секој почеток носи предизвици и неизвесност. Патот кон успех во сметководството ретко е лесен, но секогаш е вреден. Со постојано учење, подготвеност и посветеност, секој професионалец може да го изгради кредибилитетот што носи доверба.
Точност
Точноста е основа на доверба во сметководството. Една мала грешка во пресметка или неточен податок може да предизвика сериозни последици, од финансиски казни до губење на кредибилитет. Затоа секој документ мора да биде правилно евидентиран, а секоја законска одредба соодветно применета. Со доследна точност се гради сигурност и доверба.
Одговорност
Одговорноста оди подлабоко и истата е способност да се преземат последиците од сопствените постапки. Одговорниот човек не бара изговори, туку решенија. Во организација, тоа значи само едно: сигурност дека задачите ќе бидат завршени навремено и со квалитет. Да се признае грешка и да се преземе одговорност е дел од професионалниот интегритет што клиентите го препознаваат.
Педантност
Педантноста, или вниманието кон секој детал, е квалитет што го одделува одличниот од просечниот професионалец. Иако бара повеќе време, таа создава стабилност и предвидливост, а тоа се вредности кои клиентите ги ценат. Кога знаат дека ништо не е оставено на случајност, довербата расте.
Дисциплината како пат кон лидерство
До доверба и лидерство се стигнува со дисциплина. Кога луѓето гледаат дека си точен, одговорен и педантен, не ти даваат само пофалби, туку ти даваат доверба. А од довербата се раѓаат нови можности. Дисциплината е клучот кон долгорочен успех.
Без точност, бројките се бесмислени. Без одговорност, работата нема тежина. Без педантност, секоја грешка може да стане проблем. Комбинацијата од овие вредности создава професионалец на кој може да се потпрете.
Затоа, следниот пат кога ќе го пиете утринското кафе, потсетете се: успехот не доаѓа преку ноќ. Успехот се гради со мали, но постојани чекори. Во секоја професија, но особено во сметководството, клучна е довербата, а која пак, не се добива со зборови, туку со постапки и дела.
Објавените содржини, фотографии и видеа се во сопственост на РСМ Македонија и се заштитени согласно Законот за авторското право и сродните права и Законот за заштита на личните податоци. Секое неовластено преземање, репродукција, пренос или злоупотреба претставува повреда на правата и подлежи на санкции согласно важечките закони.