Биолошки, животот на планетата Земја отсекогаш бил условен од адаптација. Во животинското царство, оние кои успеале да најдат начин да се прилагодат на промените кои природата непрестано, без прашање или предупредување, ги задавала, тие опстојале како вид.

Брзата прилагодливост на новонастанатите состојби и позиции е присутна и во професионалниот живот на човекот. Сметководствената работа неретко значи игра на неколку полиња и подготвеност за прифаќање на нови предизвици, а победник (како и низ историјата на еволуцијата) е оној кој успева да ги совлада промените и вешто да се прилагоди. Сметководството како професија изобилува со динамика и новитети, а ние мораме да бидеме подготвени будно да ги следиме. Од неделните, месечните и кварталните рокови по кои се водиме, преку сметководствените програми кои се модернизираат и менуваат, до даночните регулативи кои се на агенда на секоја законодавна власт, промените се нераздвоен дел од сметководствената структура. Добрата комуникација со клиентите, исто така, која е секогаш примарна во секојдневното работење, изискува флексибилност и приспособливост од наша страна.

Прилагодувањето е професионална вештина

Прилагодувањето најпрво претставува прифаќање на новите правила на игра. Потоа следи нивното учење и усовршување. Познатата максима дека промената е единствената константа првично може да ни разбуди страв, но тој полека исчезнува кога ќе ги увидиме придобивките од новите системи и начини на работа. Секогаш има простор за унапредување на процесите, па новите системи кои ни помагаат во ефективноста и ефикасноста во работата се повеќе од добредојдени.

Технологијата е поддршка, не замена

Фактот дека живееме во време на брз технолошки напредок ни е добро познат, но вистински го доживуваме кога се отсликува пред нас во работната околина. Технологијата ги олеснува работните процеси и задачи, но зад секоја успешна промена стојат луѓето кои знаат како да ја искористат. Основата сме ние, нашето знаење, агилност и проактивност, а новите системи се тука да ни го олеснат патот до крајната цел. Чекорењето низ системските лавиринти изгледа проблематично додека не ја модулираме патеката која нѐ води до излезот.

Брзото прилагодување значи непречено функционирање на работата, а истовремено од нас создава подобри аналитичари, поефикасни советници и покреативни решавачи на проблеми.

Како да се стекнеме со умешноста на брзото прилагодување? Без страв од непознатото - „она што не го знаеме не може да нѐ повреди“, а кога ќе ни стане познато може само да ни помогне. Без негативен став - удобноста која ни ја нудат старите практики на долг рок значи стагнација. Стагнација, како и во секоја друга професија, е доста непопуларен термин. Конечно, детерминираност кон крајната цел – кога знаеме точно кон што целиме, полесно ги искачуваме скалилата.

Да се поседува талент на преобразување и прилагодување, како камелеонот кој менува бои во зависност од околината и опасностите кои го демнат, нам - луѓето, не ни е непознат концепт. Присутен е и низ фолклорот и митологијата, низ сказните со преобразувачки суштества кои сме ги сакале како деца, а често е присутен и како инспирација за филмовите чие дејствие се одвива во иднината, во кои преживуваат оние кои развиле вештина на прилагодување. Наша задача во реалноста е само да ја пренесеме таа вештина во работниот простор, природниот хабитат на човекот-работник.

Во свет кој постојано се менува, добрите сметководители имаат предност. Знаат да се прилагодат.

Објавените содржини, фотографии и видеа се во сопственост на РСМ Македонија и се заштитени согласно Законот за авторското право и сродните права и Законот за заштита на личните податоци. Секое неовластено преземање, репродукција, пренос или злоупотреба претставува повреда на правата и подлежи на санкции согласно важечките закони.