Примената на МСФИ 16 е значаен чекор кон унапредување на финансиското известување во корпоративниот сектор. Усогласувањето со меѓународно прифатени практики овозможува компаниите да прикажат поконзистентни, транспарентни и споредливи финансиски информации, што ја зајакнува довербата кај инвеститорите, кредиторите и деловните партнери.
Ова усогласување создава поцврста основа за развој, подобрување на корпоративното управување и полесен пристап до меѓународни пазари и капитал. Истовремено, поквалитетните и поточни податоци што произлегуваат од ваквата примена придонесуваат и кон поефикасни даночни процеси и усогласеност на компаниите со регулативата.
Што се менува со примената на МСФИ 16?
МСФИ 16 воведува суштинска промена во сметководствениот третман на лизингот, барајќи од закупецот да ги признае најголемиот дел од нив директно во билансот на состојба како средство (right-of-use asset) и соодветна обврска (lease liability). Со ова се напушта претходниот модел на оперативен или финансиски лизинг кај закупецот, заменувајќи го со единствен пристап што обезбедува поголема транспарентност и поконзистентно прикажување на долгорочните обврски и користењето на средствата. Ова доведува до:
- Зголемување на средствата на компанијата
- Зголемување на обврските на компанијата
- Повисока EBITDA (трошокот се дели на амортизација и камата)
- Променети финансиски индикатори
Од идентификација на лизинг до почетно мерење
За да се класифицира договорот како лизинг, мора да се исполнат два основни критериуми:
1. Договорот содржи идентификувано средство
Средството мора да биде јасно специфицирано, а добавувачот не смее да има практична способност да го замени без значителни последици.
2. Корисникот има право на контрола врз користењето
Ова подразбира две клучни права:
- право да ја насочи употребата на средството
- право да ги добива економските придобивки од неговата употреба.
Доколку двата услови се исполнети, договорот се третира како лизинг.
Како закупецот го евидентира лизингот?
Средство (right-of-use-asset)
Почетното мерење на RoU средството ги вклучува:
- износот на почетно измерената лизинг обврска
- сите плаќања извршени пред или на датумот на започнување на договорот, намалени за евентуални стимулации
- директни трошоци поврзани со склучување на договорот
- проценети трошоци за демонтажа, преместување или враќање на средството во првобитна состојба.
Обврска (lease liability)
Лизинг обврската ја претставува сегашна вредност на идните лизинг плаќања во рамки на договорениот рок, дисконтирни со инкременталната каматна стапка на закупецот.
Ефекти врз финансиските извештаи
| Извештај | Ефект |
| Биланс на состојба | Средство (RoU asset) - се прикажуваат одделно или во група со сродни средства. Обврска (lease liability) - може да се прикажат одделно или заедно со други обврски (поделени на тековни и нетековни обврски). |
| Биланс на успех | Се признаваат два одвоени расхода: - амортизација на RoU asset - камата на лизинг обврската (финансиски трошоци). |
| Извештај за парични текови | Плаќањата на главнината од обврската → финансиски активности Плаќањата на камата согласно избраната сметководствена политика на компанијата |
Што треба да направат компаниите?
Со примената на МСФИ 16, компаниите мора да воспостават јасни процеси за идентификација на договори, мерење, документирање и следење на лизинг обврските. Влијанието врз финансиските извештаи, индикаторите и процесите е значајно и бара координација меѓу финансиските, правните и ИТ тимовите.
Контактирајте нè за стручна поддршка, анализа и практични решенија што ќе ви овозможат сигурна, точна и целосно усогласена примена на МСФИ 16.
Објавените содржини, фотографии и видеа се во сопственост на РСМ Македонија и се заштитени согласно Законот за авторското право и сродните права и Законот за заштита на личните податоци. Секое неовластено преземање, репродукција, пренос или злоупотреба претставува повреда на правата и подлежи на санкции согласно важечките закони.