Во Службен весник на Република С. Македонија бр. 270 од 31.12.2025 година е објавен Правилникот за начинот на пресметување и наплата на дополнителниот данок на добивка, донесен врз основа на Законот за минимален глобален данок на добивка.

Со Правилникот се доуредуваат практичните аспекти за примена на правилата за минимален глобален данок (Pillar Two), усогласени со моделите и правилата на OECD, и нивната примена во националниот даночен систем.

Клучни аспекти од Правилникот

Правилникот го уредува:

  • начинот на пресметување и наплата на квалификуваниот домашен дополнителен данок;
  • формата, содржината и начинот на поднесување на релевантните пријави:
    • Пријава на информации за дополнителен данок,
    • Пријава за дополнителен данок (образец „ДДД/П“),
    • Пријава за квалификуван домашен дополнителен данок (образец „КДДД/П“);
  • задолжително електронско поднесување, вклучително и во случаи кога износот на пресметаниот данок е „0“.

Кај групи со повеќе составни субјекти во Република С. Македонија, се предвидува назначување на еден одговорен субјект кој поднесува збирна пријава во име на групата.

Пресметка и технички правила

Согласно Правилникот:

  • процентите на ефективната даночна стапка и дополнителниот данок се заокружуваат на четири децимални места;
  • износите во странска валута се конвертираат во денари по средниот курс на НБРМ за последниот месец од фискалната година.

Рокови

Пријавата на информации за дополнителен данок се поднесува 15 месеци по истекот на фискалната година.

За 2024 година, рокот е до 30 јуни 2026 година.

Плаќањето на домашниот дополнителен данок се врши во рок од 30 дена по истекот на рокот за поднесување на пријавата, односно најдоцна до 30 јули 2026 година за 2024 година.

Стапување во сила

Правилникот стапува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во Службен весник.

Со овој Правилник се обезбедува целосна нормативна рамка за практична примена на минималниот глобален данок на добивка. Компаниите кои се потенцијално опфатени треба навремено да ги анализираат своите обврски и да се подготват за усогласување со новите правила.

 

Контактирајте нè за дополнителни појаснувања во врска со примената на Правилникот и Законот за минимален глобален данок на добивка.