При сегашната вонредна состојба во која делуваме, а во насока на утврдување на пресметката на платата и надоместоците за време на отсуство од работа би сакале да Ве информираме за следното:

Најнапред е појаснување околу терминот „Виша сила“ и прекин на работењето заради „Виша сила“ наспроти прекин од деловни причини, за компаниите кои не се во можност да ја извршуваат дејноста заради мерките на Владата, од што зависи и надоместокот кој ќе се плаќа на вработените кои не работат заради таа причина.

Прекин на работењето заради виша сила

  • Виша сила“ или ‘Vis Major’ е правен поим кој се однесува на некој надворешен настан кој не можел да се предвиди, избегне или отстрани, односно настан кој не зависи од волјата на субјектот, кој е надвор од сферата на делување на субјектот и кој субјектот не можел да го предвиди, отстрани или избегне.
  • Согласно оваа дефиниција, прекинот на работа, наметнат со Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на корона вирус и Одлуките за изменување на оваа одлука донесени од Владата за правните субјекти засегнати од овие Одлуки имаат третман на виша сила, односно настан кој не зависи од волјата на работодавачот кој го прекинал работењето.
  • Максималниот период за кој може да се исплатува не е предвиден поради фактот што тоа е непредвидлив настан кој не може да се претпостави колку долго ќе трае.
  • Согласно Член 112, Став 7 од Законот за работни односи, ако работникот не може да ја врши работата поради виша сила, има право на половина од платата, на која инаку би имал право, ако би работел.

 

Значи, прекин на работењето заради виша сила сметаме дека се однесува за компаниите кои ги имаат затворено делумно или целосно своите капацитети заради мерките (препораките) на Владата, а работниците се без деловен ангажман.

Прекин на работењето заради деловни причини

  • Согласно Член 76, Став 1, Точка 3 од Законот за работни односи, терминот „Деловни причини“ се категоризира како економски, организациони, технолошки, структурни и слични причини.
  • Бидејќи мерките на Владата не влегуваат во погоре наведените категории, а го оневозможуваат работењето на компаниите, не може да се третираат како прекин на работење заради деловни причини.
  • Во случај на прекин на работниот процес од деловни причини, работодавачот е должен на работникот да му издаде решение и да му плати 70% од платата за период до три месеца во тековната година.

Сметаме дека оваа одредба не е обврзувачка за работодавачите поради воведување на вонредна состојба во РС Македонија.

Бидејќи во месец март имаме различни категории кои треба да станат дел од пресметката на плата, подолу се издвоени истите:

  • Вработени ослободени од работа заради чување на малолетно дете со навршена возраст до 10 години или активно четврто одделение и над 10 години за родители на деца/лица со попреченост  за кого е неопходна домашна грижа – Во точка 8. Од заклучоци на Влада од 11.03.2020 дадена е препорака за фирмите (кои се задолжителни иако се препораки) да ги ослободат од работа вработените кои ќе достават доказ за користење на оправдано отсуство. Оправданото отсуство има третман на пресметување во висина на 100% од просечната плата на вработениот за последните 12 месеци.
  • Вработени кои се ослободени заради хронични болести со потврда од матичен лекар - согласно точка 1 од записник на Владата на Република С. Македонија од 12.03.2020 – се ослободуваат од работа одредени категории на лица со потврда од матичен лекар. Слободните денови за оваа категорија на отсуство има третман на пресметување во висина на 100% од просечната плата на вработениот за последните 12 месеци.
  • Вработени кои се во карантин или самоизолација – Бидејќи вработениот не може да доаѓа на работа, не користи боледување, и ако не може да ја извршува работата од дома, во тој случај за пресметката на отсуството применлива е пресметка на половина (50%) од платата на која би имал право ако би работел, по став 7 од член 112 од ЗРО за неможност за вршење на работата поради виша сила.
  • Вработени во компании кои не можат да ја вршат својата дејност заради мерките на Владата – компаниите кои го прекинуваат работењето заради мерките на Владата, кои имаат третман на виша сила, и заради тоа вработените не се во можност да ги извршуваат своите активности, во овој случај за пресметката на отсуството применлива е пресметка на половина (50%) од платата на која би имал право ако би работел, по став 7 од член 112 од ЗРО за неможност за вршење на работата поради виша сила.
  • Вработени кои се на боледување – нема промени како и до сега со надомест за боледување во висина од 70% или 90% до 30 дена во зависност од должината на боледувањето, додека над 30 дена на товар на Фонд за здравство.
  • Вработени кои ги извршуваат работните активности, без разлика дали се на работното место или од далечина, без промени, редовна пресметка на плата.

 

Имајќи предвид дека законите и мерките ги определуваат износите во минимум кои треба да се исплатат, во тој поглед, дополнителна опција која може да ја разгледаат компаниите кои не можат да работат заради мерките е секако колективен одмор каде би се исплаќала 100% од просечна плата, за оние вработени кои не се на боледување и кои не се ослободени од мерките на Владата.

Сметаме дека горенаведените насоки се применливи за пресметка на плата за месец март 2020 година.

Дополнително имајте предвид дека при сегашната вонредна состојба Владата може да носи уредби со сила на закон, кои можат да имаат влијание врз начинот на пресметка на плата. Ние ги следиме измените и доколку се појави таква промена ќе бидете известени.

Што е потребно да преземете од Ваша страна?

Во случај на прекин на работата заради виша сила, работодавачот треба да донесе решенија за секој одделен вработен за прекин на работа повикувајќи се на одлуката на Владата за мерки за спречување на внесување и ширење на корона вирус и измените на оваа одлука.

Во случај на организација на работата од дома, за вработените кои ќе работат од дома, бидејќи локацијата на работење е уредена со договорот за вработување истата може да се доуреди или промени со анекс на договорот повикувајќи се на одлуката на Владата за мерки за спречување на внесување и ширење на корона вирус и измените на оваа одлука, или со носење на Одлука за работа од дома на ниво на организацијата.

 

Напомена: Информацијата содржана во овој документ не содржи било какви експлицитни или имплицитни гаранции. РСМ Македонија не презема никаква одговорност за било какви грешки или пропусти во содржината на овој документ. Користењето на информациите содржани во овој документ е на сопствен ризик.  ПОД БИЛО КАКВИ ОКОЛНОСТИ, ДРУШТВОТО РСМ МАКЕДОНИЈА НЕМА ДА БИДЕ ОДГОВОРНО ЗА БИЛО КАКВИ ШТЕТИ ПРОИЗЛЕЗЕНИ ОД КОРИСТЕЊЕТО НА ИНФОРМАЦИИТЕ ОД ОВОЈ ДОКУМЕНТ, ДУРИ И АКО СТЕ БИЛЕ СОВЕТУВАНИ ЗА МОЖНОСТА ОД ПОСТОЕЊЕ НА ТАКВИ ШТЕТИ.