Македонија
Languages

Languages

Влијанието на ERP системите врз бизнисот и продуктивноста на вработените

Во денешниот современ деловен свет, секое претпријатие што се обидува да остане во чекор со времето, во своето работење има применето некаков облик на ERP информациски системи за да може да управува што е можно полесно со неговиот бизнис. ERP информациските системи вклучуваат области како што се планирање, продажба, евиденција на инвентар, набавки, маркетинг, сметководство и финансии, човечки ресурси и најчесто се користат софтверски. Во 21-от век, обележан со дигитализација и глобализација, речиси е невозможно да се замисли компанија која не користи ERP систем во своето работење.

 

ERP

 

Во литературата и практиката, ERP системот се однесува на индустрискиот термин за високо интегрирани апликативни софтверски пакети кои ја поддржуваат работата на интегрираните информативни системи во пракса, а е дефиниран со две основни цели:

  • поддршка на деловните процеси со цел да се зголеми ефикасноста на индивидуалните деловни активности како и деловниот систем во целост

  • обезбедување на потребните информации како подлога за успешно управување со комплексни деловни системи.

Најчесто наведена цел за воведување на ERP системите е интеграцијата на сите сектори и процеси во претпријатијата со цел да се задоволат потребите на истите со примена на единствен информативен систем. Најважната карактеристика на ERP системите е поврзување на различните активност на една организација во единствен информативен систем, каде што сите податоци се складирани во заедничка дата база, а информациите од различните секторите се внесуваат еднаш и се достапни за употреба на сите во заедничката база на податоци.  За да биде целосно ефикасен и ефективен,ERP апликативниот софтвер треба да има најмалку три од следните четири деловни сегменти: финансии, производство, деловно-материјално работење и управување со човечки ресурси и плати.

Иако причините за имплементација на ERP системите се различни и варираат од компанија до компанија, сепак главната причина за превземање на овој чекор која е заедничка за сите претпријатија е намалување на трошоците и зголемување на продуктивноста. Поради таа причина, многу претпријатија се одлучуваат за основните пакети на ERP и покрај широката палета на можности за имплементација која ја нудат софтверските компании за вакви услуги.

Имплементацијата на ERP системите бара од фирмите да формулираат јасни и објективни цели, како и очекувања што сакаат да ги постигнат со воведувањето на овој систем. Освен очекувањата, една од причините за усвојување на ваквиот вид технологија се главно препораките на претходните корисници и нивното добро искуство со користење на ERP системи. Овие системи овозможуваат големи трансформациски промени во претпријатијата и како што претпријатијата растат и ги усовршуваат нивните перформанси, растат и барањата за ERP модулите. Недоволната стандардизација на претпријатијата е често проблем и ова е една од причините зошто компаниите се одлучуваат за ERP системите - овој систем им овозможува намалување на различните операции и побрз тек на информации кон и во самото претпријатие, со што ќе се овозможи побрза реакција спрема барањата на коминтентите. ERP системите го поддржуваат донесувањето одлуки, како менаџерско, така и стратешко и создаваат врска помеѓу процесите и организациските функции.

Пазарот на ERP системи е релативно нов пазар кој порасна многу брзо во последно време, главно заради глобализацијата и потребата за подобри информациски системи и нивна интеграција во претпријатијата, како и постоечкиот тренд на замена на старите системи со нови и стандардизирани апликации. Таргет групата која се оформила на почетокот на пазарот на ERP системи била составена од големи компании или т.н. корпорации, додека малите и средни претпријатија биле во зачеток на прифаќање на ваквиот тренд. Големите софтверски компании за ERP системи се обидуваат да најдат нови клиенти кај помалите фирми нудејќи им поедноставни и поевтини решенија.

Во денешно време, малите и средните претпријатија се повеќе ги имплементираат ERP системите во своите деловни активности. Придобивките на мали и средни претпријатија од имплементацијата на ERP се:

  • Транспарентност - наместо секое одделение да има индивидуален информативен систем, сите релевантни податоци можат да се споделат и пристапат од сите оддели, елиминирајќи ја потребата за повторен влез или излез на податоци, што може да резултира во намалени грешки, зголемена продуктивност и намалени трошоци на човечки ресурси
  • Процес на донесување одлуки – “Real time” обработката на податоци може да донесе бројни придобивки за маркетингот, менаџментот, сметководството и другите сектори, овозможувајќи им на организациите да донесат витални одлуки навреме и со тоа да ги намалат трошоците.
  • Продуктивност - Со зголемена јасност преку рационализирани деловни процеси, вработените може да го насочат фокусот кон управување со зголемен обем на деловна активност, помагајќи да се надминат предизвиците што се вклучени во развојот на бизнисот

Од особена важност денес е секоe претпријатие да ги чува своите податоци во ERP систем, затоа што неконзистентното управување со податоците може да има негативни последици. Без оглед на тоа дали некое претпријатие го заменува постојниот ERP систем со нов или го имплементира за прв пат, од суштинско значење е истражувањето кој ERP систем најдобро одговара на тоа претпријатие. Треба да се има предвид дека најпопуларниот систем не одговара најдобро за секој бизнис, и поради оваа причина, важно е да се дискутира и да се утврди однапред кои специфични потреби е потребно да ги задоволи ERP системот. ERP како компјутерски пакет има и развиен пазар, односно неколку познати производители на готови програми, кои се генерички софтверски производи што не се направени по нарачка. Програмерите дојдоа до израз постепено, со долгогодишно подобрување на софтверските пакети и станаа многу успешни на современиот пазар. Од софтверски компании за ERP системи како најкарактеристични се издвојуваат SAP и Oracle NetSuite поради нивниот удел на светскиот пазар.

Инвестицијата што е потребна за спроведување и одржување на ERP системот е значајна, понекогаш изнесува стотици милиони долари. Одлуката за купување и спроведување на ERP системите е една од најважните одлуки што претпријатијата треба да ја донесат. Потребна е заложба за управување на сите нивоа со цел вработените да разберат како имплементацијата ќе биде од корист за секој сегмент од претпријатието. Кога поединците ќе можат да ги согледаат материјалните придобивки, како што е намаленото време поминато за обработка на административни задачи, помалку е веројатно дека ќе се појави отпор кон промени и компанијата може да ги извлече целосните придобивки наменети за имплементацијата на ERP. Без поддршка од највисокото раководство во текот на спроведувањето на проектот, повеќето нема да успеат. ERP системот е целата слика на претпријатието – вработените, управувањето, стратешките цели, деловните процеси, хардверот и софтверот – во едно. Кога тој се спроведува правилно, организацијата има систем на електрична енергија што овозможува да биде во чекор со брзото менување на пазарот, технологијата и економската средина.

Како може да ви помогнеме?

Контактирајте нè на +389 (0) 2  3233 301/302 . Поставете прашање или оставете коментари на нашата e-mail адреса .

Email us

Authors

Марта Хаџиевска
Асистент за ревизија