Во современото деловно окружување, каде одлуките мора да се носат брзо и врз основа на прецизни податоци, извештајот за парични текови заслужено се смета за „круна“ на финансиското известување. Тој е најдиректниот тест за здравјето на еден бизнис – покажува дали зад прикажаните резултати навистина стои доволно готовина за да се одржи работењето, да се финансира растот и да се одговори на предизвиците. Додека останатите финансиски извештаи можат да создадат привид на стабилност, овој извештај открива дали компанијата има реална способност да ги исполни своите обврски.

Michael Dell, основачот на Dell Technologies е често цитиран со изјавата:

„Секогаш бевме фокусирани на билансот на успех, но паричниот тек ретко беше тема за дискусија. Тоа беше како да возиме гледајќи само во брзинометарот, кога всушност останувавме без гориво.“

Оваа изјава одлично ја илустрира опасноста од фокусирање само на добивката, без да се следи реалната ликвидност – бидејќи профитот на хартија не гарантира дека компанијата има средства да ги исполни своите тековни обврски.

Често гледаме дека компаниите се потпираат на бројки од билансот на успех и сметаат дека тоа е доволно за финансиското здравје. Но финансиските извештаи најчесто се изготвуваат на пресметковна основа, каде приходите и расходите се евидентираат при нивно настанување, а не кога готовината навистина се прима или исплаќа. Ова создава ризик компанијата да прикаже профитабилност, додека во реалност нема доволно расположливи средства – ризик што извештајот за парични текови навремено го открива.
 

Добивка без готовина и готовина без добивка – зошто извештајот за парични текови е клучен

Во реалноста, многу компании се соочуваат со парадоксални ситуации: остваруваат добивка, но немаат готовина – или обратно, имаат позитивен паричен тек и покрај прикажана загуба. Овие случаи ја истакнуваат клучната улога на извештајот за парични текови, кој обезбедува јасна слика за ликвидноста, независно од сметководствените прилагодувања. Дополнително, овој извештај помага да се идентификуваат потенцијални тесни грла во наплатата или финансирањето, пред тие да прераснат во сериозен проблем. Извештајот за парични текови им овозможува на менаџерите да донесуваат одлуки врз основа на реалните финансиски можности, а не само на сметководствените резултати.

Нашиот сметководствен тим со врвна експертиза во подготовка и детални анализи на парични текови редовно изготвува вакви извештаи за нашите клиенти и ги известува доколку се појават аномалии или ризици по ликвидноста. Ова им овозможува да реагираат навремено, да го подобрат управувањето со готовината и да го минимизираат ризикот од ликвидносни проблеми. Доколку сакате да дознаете како овие анализи можат да помогнат и на вашиот бизнис, контактирајте нè за консултација со нашиот тим.

Зошто извештајот за парични текови е највисоко на хиерархијата на финансиските извештаи


1.    Мери ликвидност, а не само профитабилност
Добивката на хартија е безвредна ако средствата се „заробени“ во побарувања или залихи. Паричниот тек покажува дали компанијата реално може да ги исполни своите финансиски обврски.

2.    Го елиминира ефектот од сметководствените прилагодувања
Во сметководството на пресметковна основа, приходите и расходите не секогаш се поклопуваат со приливите и одливите на готовина. Овие настани влијаат на резултатот, без да го променат реалниот паричен тек.

3.    Сигнализација на проблеми
Долгорочен негативен оперативен паричен тек, дури и со позитивна добивка, е сериозен аларм за потреба од итна анализа и промени.

4.    Релевантен за сите типови компании
Без разлика дали станува збор за стартап, семеен бизнис или голема корпорација, управувањето со готовината е клучно за опстанок.

Најдобри практики за одржување на здрав паричен тек

Одржувањето на стабилен паричен тек е основа за секој одржлив бизнис. Без разлика на големината и индустријата, следните практики можат значително да ја намалат веројатноста за ликвидносни кризи и да овозможат сигурно финансирање на тековните и идните активности.

1.    Редовно прогнозирање на приливи и одливи
Изготвувањето на месечни или квартални прогнози овозможува навремено препознавање на потенцијални „тесни грла“. Ова вклучува и анализа на сезонските движења во продажбата, како и проценка на идните плаќања кон добавувачи и останати обврски.

2.    Контрола на побарувањата
Долгите рокови за наплата се една од најчестите причини за недостиг на готовина. Наместо тоа, се препорачува скратување на роковите каде што е применливо, креирање на јасна политика за наплата, како и воведување на опција за попусти за рано плаќање.

3.    Планирање на инвестициите во согласност со расположливата готовина
Дури и профитабилните инвестиции можат да создадат краткорочен недостиг на готовина ако не се временски усогласени со приливите. Пред секоја капитална набавка, препорачливо е да се направи симулација на идните парични текови.

4.    Контрола на трошоците и оперативната ефикасност
Редовен преглед и анализа на ги фиксните и варијабилните трошоци, како и идентификување на области каде може истите да се оптимизираат без да се наруши квалитетот на производите или услугите. 

Клучни насоки за одржлив раст

Извештајот за парични текови не е само формален документ – тој е еден од најрелевантните показатели за финансиската состојба на компанијата. Со негово правилно читање, менаџерите можат да донесуваат информирани одлуки, да предвидат ризици пред тие да станат критични и да потврдат дали добивките се навистина одржливи.

Затоа, овој извештај со право ја носи титулата „круна“ на финансиското известување – тој ја открива вистинската финансиска слика и покажува дали бизнисот е подготвен да опстане и да расте.

 

Објавените содржини, фотографии и видеа се во сопственост на РСМ Македонија и се заштитени согласно Законот за авторското право и сродните права и Законот за заштита на личните податоци. Секое неовластено преземање, репродукција, пренос или злоупотреба претставува повреда на правата и подлежи на санкции согласно важечките закони.