Известување за поврат на средства за примена на финансиска поддршка

Известување во врска со

ОБЈАВЕНА ВО: "Службен весник на РСМ", број 92/20 од 06.04.2020 година
ИЗМЕНА ВО: "Службен весник на РСМ", број 116/20 од 05.05.2020

и

ОБЈАВЕНА ВО: "Службен весник на РСМ", број 111/20 од 28.04.2020 година
ИЗМЕНА ВО: "Службен весник на РСМ", број 113/20 од 01.05.2020 и 154/20 од 10.06.2020

Со следново известување Ве потсетуваме на условите, кои ќе утврдат дали компанијата (работодавач-корисник на финансиска поддршка) има обврска да ги врати примените финансиски средства од Владата на РСМ за поддршка на компаниите согласно горенаведените Уредби, односно примените финансиски средства за:

  • Субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за месеците април, мај и јуни 2020 година и/или
  • Поддршка за исплата на плати за месеците април, мај и јуни 2020 година

I.

Во врска со примени субвенции за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување, постојат следниве 2 опции:

Опција број 1:

Доколку компанијата оствари загуба за 2020 година (и загубата е поголема од непризнаените трошоци во даночниот биланс), тогаш компанијата нема да ги враќа примените средства, или

Опција број 2:

Доколку компанијата оствари добивка за 2020 година ќе врати најмногу до 50% од остварената добивка пред оданочување (зголемена за непризнаените трошоци).

II.

Во врска со примена финансиска поддршка за исплата на плати (мерка: 14.500 МКД), постојат следниве 3 опции:

Опција број 1:

Доколку компанијата оствари загуба за 2020 година (и загубата е поголема од непризнаените трошоци во даночниот биланс), тогаш компанијата нема да ги враќа примените средства, или

Опција број 2:

Доколку компанијата оствари добивка за 2020 година ќе врати најмногу до 50% од остварената добивка пред оданочување (зголемена за непризнаените трошоци), или

Опција Број 3:

Доколку компанијата оствари добивка за 2020 година и вработува до 250 вработени, тогаш има можност да не ја враќа примената финансиска поддршка, доколку докаже дека финансиските средства во износ еднаков или поголем од износот на добиена финансиска поддршка ги искористил за инвестиции во текот на 2020 година и доколку ги исполнува условите наведени во Уредбата, кои се опишани подолу.

Да појасниме дека Опција број 1 и Опција број 2 важат за двете наведени мерки, додека Опција број 3 (инвестиции) важи само за мерката за финансиска поддршка за исплата на плати (мерка: 14.500 МКД).
Во продолжение се детали за сите наведени опции.

  • Опција број 1

За двете мерки важи дека доколку компанијата оствари загуба за 2020 година (и загубата е поголема од непризнаените трошоци во даночниот биланс), тогаш компанијата нема да ги враќа примените средства. Единствениот услов што компанијата треба да го исполнува во овој случај, е да нема обврски по основ на неплатени даноци и придонеси.
За да се искористи оваа можност, компанијата ќе поднесе Барање1 до Управата за јавни приходи (во продолжение: УЈП) до рокот за поднесување на даночниот биланс за 2020 година (рокот е: 28.02.2021 или 15.03.2021). Во рок од 15 дена од поднесување на Барањето, УЈП ќе ја извести компанијата за целосно ослободување од враќање на добиената поддршка.

  • Опција број 2

За двете мерки важи дека, доколку компанијата оствари добивка за 2020 година, работодавачот кој го искористил правото на поддршка, има обврска примените финансиски средства да ги врати во Буџетот на Република Северна Македонија, во случаи кога има добивка (или во ретки случаи кога непризнаените трошоци се поголеми од остварената загуба), а најмногу до износот од:

  • за обврзниците на данок на добивка2: најмногу до износот од 50% од остварениот финансиски резултат пред оданочување за 2020 година зголемен за износот на непризнаените расходи и помалку искажаните приходи во Даночниот биланс;
  • за обврзниците на годишниот данок на вкупен приход3: најмногу до износот од 50%од финансискиот резултат пред оданочување искажан во Билансот на успех за 2020 година;
  • за вршителите на дејност4: најмногу до износот од 50% од износот на искажаниот финансиски резултат пред оданочување во Билансот на приходи и расходи (образец Б) за 2020 година, зголемен за непризнаените расходи за даночни цели во годишниот Даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност.

Враќањето на примената финансиска поддршка ќе се прави врз основа на поднесено Барање5 до УЈП. Во рок од 15 дена од поднесување на Барањето, УЈП ќе го извести работодавачот за пресметаниот износот за враќање на добиената финансиска поддршка.
Враќањето на износот ќе се изврши на три месечни рати, без камата, во месеците април, мај и јуни 2021 година. Во продолжение се дадени примери на калкулација на износи на враќање на финансиската поддршка (без инвестиции):

  • Опција број 3:

Во однос на Опција број 3, доколку компанијата оствари добивка за 2020 година, финансиската поддршка за исплата на плати (мерка: 14.500 МКД) е неповратна за работодавач-корисник на финансиска поддршка кој вработува до 250 вработени, кој:

  •  во последните 2 години искажал добивка после оданочување,
  • не се наоѓа на листата на должници согласно со последната објавена Листа на должници на доспеани и неплатени долгови на Управата за јавни приходи на денот на поднесување на барањето6,
  •  заклучно со 29 февруари 2020 година не доцнел со плаќање на обврските по основ на кредити подолго од 90 дена од денот на достасаноста, согласно со податоците за задолженост од соодветен регистар/биро7,
  • ќе докаже дека финансиските средства во износ еднаков или поголем од износот на добиена финансиска поддршка ги искористил за (инвестиции):
    a) инвестиции во вработени:
    - обука на вработените во области како што се маркетинг и брендирање, финансиско управување, подобрување на производството, истражување и развој, дигитални вештини и надградба и слични обуки, обука на вработените за управување како што е бизнис менаџмент, стратегија, корпоративно управување или која било активност дефинирана под обука на вработените за целите на вршење на дејноста.
    b) оперативни подобрувања на компанијата:
    - набавки поврзани со надградба на производството (на пр. подобрување на производство и дизајнирање на процеси), маркетинг и брендирање, промена на деловниот модел, дигитална трансформација (автоматизација, онлајн трговија), нова експанзија на пазарот, развој на нов производ и слични набавки,
    - воведување на акредитирани нови стандарди, набавки на патенти, авторски права, трговски марки и други права од интелектуална сопственост,
    c) продуктивен капитал:
    - набавки на опрема и други средства кои се користат за подобрување на ефикасноста и продуктивноста на работењето, опрема поврзана со производството, компјутери и друга соодветна опрема, софтвер, опрема за транспорт и слични набавки во функција на вршење на дејноста.

Набавките наведени погоре работодавачот-корисник на финансиска поддршка треба да ги изврши до крајот на 2020 година.
Набавки, кои не се признаваат како инвестиција, односно набавки кои се за целите на вообичаените деловни активност на компанијата се следните:

- плати, канцелариски трошоци, трошоци за одржување, комунални трошоци, трошоци за сметководство и правни работи, за усогласеност и владини такси,
- трошоци за финансирање, изнајмување, продажни активности / рекламирање, репрезентација, трговски изложби,

- набавки за одржување на постојниот софтвер, набавки за одржување на постојните сертификати во индустријата
- и слични тековни набавки (трошоци).

Доколку работодавачот-корисник на финансиска поддршка ги исполнил горенаведените услови за Опција број 3, треба до УЈП да достави Барање за претворање на финансиската поддршка за исплата на плати во грант8 најдоцна до рокот за поднесување на даночниот биланс за 2020 година (рокот е: 28.02.2021 или 15.03.2021).
Кон барањето ќе треба да се приложат:

- фактури за извршените набавки
- изводи од банка како доказ за извршеното плаќање на фактурите
- уверение за платени даноци и придонеси (кое го издава УЈП).

Во рок од 15 дена од приемот на Барањето, УЈП ќе го извести работодавачот за одбивање на барањето за претворање на финансиската поддршка за исплата на плати во грант или издава решение за претворање на финансиската поддршка за исплата на плати во грант. Работодавачот-корисник на финансиска поддршка кој не ги исполнил условите наведени погоре и не ги презентирал доказите, ќе има обврска да го врати износот на примена финансиска поддршка. Враќањето на износот ќе го изврши на три месечни рати, без камата, сметано од денот на добивањето на решение за одбивање на барањето од УЈП.

Напоменуваме дека Барање за претворање на финансиската поддршка за исплата на плати во грант се уште не е пропишано. Како што е погоре наведено, Уредбата за финансиска поддршка за исплата на плати дефинира дека финансиската поддршка за исплата на плати (мерка: 14.500 МКД) е неповратна за работодавач-корисник на финансиска поддршка кој вработува до 250 вработени, кој (покрај останатите услови) ќе докаже дека финансиските средства во износ еднаков или поголем од износот на добиена финансиска поддршка ги искористил за инвестиции. Што значи дека Уредбата не дава можност за делумно претворање на финансиската поддршка во грант. Односно, доколку инвестициите се помали од примената финансиска поддршка, нема да се признаат направените инвестиции за намалување на обврската за враќање на примената финансиска поддршка. Можеби кога ќе биде пропишано наведеното барање од страна на министерот за финансии, би имале повеќе информации врз база на кои ќе заклучиме дали делумно претворање на финансиската поддршка во грант е возможно.

 

1 Формата и содржината на барањето ќе го пропише министерот за финансии.

2Даночни обврзници кои остваруваат годишни приходи над 6.000.000 МКД или меѓу 3.000.000 МКД и 6.000.000 МКД, кои поднесуваат Даночен биланс за оданочување на добивка (ДБ).
3 Даночни обврзници кои остваруваат годишни приходи под 3.000.000 МКД или меѓу 3.000.000 МКД и 6.000.000 МКД , кои поднесуваат Даночен биланс на вкупен приход (ДБ-ВП).
4 Самостојни вршители на дејност: трговци поединци, адвокати и сл.
5 Формата и содржината на барањето ќе го пропише министерот за финансии.

6Ова би значело компанијата да не е вклучена во Листата на должници објавена во април 2020 година кога е објавена Уредбата (Листа на должници бр. 03/2020: http://www.ujp.gov.mk/mk/otvoreni_povici/pogledni/456 ). Истовремено, бидејќи се доставува и Уверение за платени даноци во моментот на поднесување на Барањето за претворање на финансиската поддршка во грант, даночниот обврзник и во тој момент не смее да е должник.
7 Компанијата може да ја провери својата кредитна изложеност во извештај, кој го издава Македонско кредитно биро (Сопствен извештај - https://mkb.mk/sopstven-izveshtaj-pravni-lica/). Компанијата може да го контактира Македонско кредитното биро во врска со информации содржани во издадениот извештај

Напомена: Информацијата содржана во овој документ не содржи било какви експлицитни или имплицитни гаранции. РСМ Македонија не презема никаква одговорност за било какви грешки или пропусти во содржината на овој документ. Користењето на информациите содржани во овој документ е на сопствен ризик.  ПОД БИЛО КАКВИ ОКОЛНОСТИ, ДРУШТВОТО РСМ МАКЕДОНИЈА НЕМА ДА БИДЕ ОДГОВОРЕНО ЗА БИЛО КАКВИ ШТЕТИ ПРОИЗЛЕЗЕНИ ОД КОРИСТЕЊЕТО НА ИНФОРМАЦИИТЕ ОД ОВОЈ ДОКУМЕНТ, ДУРИ И АКО СТЕ БИЛЕ СОВЕТУВАНИ ЗА МОЖНОСТА ОД ПОСТОЕЊЕ НА ТАКВИ ШТЕТИ.

Како може да ви помогнеме?

Контактирајте нè на +389 (0) 2  3233 301/302 . Поставете прашање или оставете коментари на нашата e-mail адреса .

Email us