Македонија
Languages

Languages

Уредба со законска сила за примена на Закон за данокот на добивка за време на вонредна состојбa

Во  „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 79/2020 од ден 26.03.2020 година објавена е Уредба со законска сила за примена на Законот за данокот на добивка за време на вонредна состојба.

Со оваа Уредба се усвојува мерка за поддршка на компаниите кои претрпеле штети во своето работење поради ширење на коронавирусот COVID-19, да бидат ослободени од плаќање на износот на аконтациите на данокот на добивка за месеците март, април и мај 2020 година.

Право на ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на добивка имаат сите даночни обврзници кои ги вршат следниве дејности:

  • угостителска дејност (шифра 56 – дејности за подготовка и служење на храна);
  • туризам (шифра 79 – Туристички агенции организатори на патувања (туроператори) и останати резервациски услуги, како и дејностите поврзани со нив, шифра 55 – Објекти за сместување);
  • транспорт (шифра 49 – Копнен транспорт и цевоводен транспорт, шифра 50 – Воден транспорт и шифра 51 – Воздухопловен транспорт).

Услови за користење на оваа мерка се следните:

  • Да не исплатува дивиденда на сопствениците, награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на даночниот обврзник, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила до денот на траењето на ослободувањето (15 јуни 2020 година);
  • Даночниот обврзник-работодавач да не го намали бројот на вработени, сметано од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила три месеци по престанувањето на нејзината важност, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените.

Правото на намалување на износот на аконтациите на данокот добивка се однесува и на други даночни обврзници кои имаат претрпено штети во своето работење, кои покрај горенаведените услови треба да исполнуваат и еден од следните услови:

  • Вкупните приходи на даночниот обврзник се намалени за најмалку 40% во тековниот месец во однос на месец февруари 2020 година или намалувањето на вкупните приходи за 2020 година изнесува повеќе од 40% во однос на истиот период претходната година, или
  • Бројот на вработени кои не работат односно не придонесуваат во економската активност на даночниот обврзник-работодавач, заради спроведување на мерките да изнесува најмалку 25% во однос на вкупниот број на вработени во однос на месец февруари 2020 година, или
  • Даночниот обврзник затвори најмалку 50% од продажните местата преку кои го остварува прометот (подружници, продажни објекти).

Што е потребно да преземете од Ваша страна?

За остварување на правото, даночните обврзници треба да поднесат Барање за ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данок на добивка до Управата за јавни приходи. Поднесувањето на барањето се врши преку системот http://etax.ujp.gov.mk, а комплетното барање го потврдува Управата за јавни приходи, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на барањето.

Даночниот обврзник кој го остварил правото за ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на добивка, а не ги исполнува условите, има обврска да ги плати месечните аконтации на данок на добивка што не ги платил и камата согласно Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на добивка за време на вонредна состојба.

Оваа Уредба влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Напомена: Информацијата содржана во овој документ не содржи било какви експлицитни или имплицитни гаранции. РСМ Македонија не презема никаква одговорност за било какви грешки или пропусти во содржината на овој документ. Користењето на информациите содржани во овој документ е на сопствен ризик.  ПОД БИЛО КАКВИ ОКОЛНОСТИ, ДРУШТВОТО РСМ МАКЕДОНИЈА НЕМА ДА БИДЕ ОДГОВОРНО ЗА БИЛО КАКВИ ШТЕТИ ПРОИЗЛЕЗЕНИ ОД КОРИСТЕЊЕТО НА ИНФОРМАЦИИТЕ ОД ОВОЈ ДОКУМЕНТ, ДУРИ И АКО СТЕ БИЛЕ СОВЕТУВАНИ ЗА МОЖНОСТА ОД ПОСТОЕЊЕ НА ТАКВИ ШТЕТИ.


Како може да ви помогнеме?

Контактирајте нè на +389 (0) 2  3233 301/302  или 078/214-414. Поставете прашање или оставете коментари на нашата e-mail адреса .

Email us